Оваа страница користи технички (потребни) и аналитички колачиња.
Продолжувајќи да прелистувате, прифаќате употреба на колачиња.

Економска дипломатија

МАКРОЕКОНОМСКА СОСТОЈБА НА ЗЕМЈАТА – ПРВ СЕМЕСТАР 2024

Според податоците од Народната банка на Северна Македонија, економскиот раст на земјата во првото тримесечје на 2024 година бил понизок од очекуваното. БДП-от пораснал само за 1,2% на годишна основа. Како резултат на тоа, според информациите објавени од Министерството за финансии, прогнозата за растот на економијата во 2024 година е намалена од претходно предвидените 3,4% на новите 2,1%. Овој раст, кој е поттикнат од зголемувањето на вкупната потрошувачка на домаќинствата, несомнено е под негативно влијание поради падот на извозот.

Негативни трендови се забележани во речиси сите главни сектори на македонскиот извоз, со исклучок на прехранбените производи (+11,9%), растителните и животинските масти (+23,9%) и машините и транспортните средства (+3,9%). Успешноста на традиционалните сектори, како што се челикот и текстилот, и натаму е слаба. Исто така, продолжува да се забележува успорување во автомобилскиот сектор, со последователно намалување на увозот на суровини и на извозот на готови производи.

Земјата може со поголем оптимизам да гледа на финансиските показатели. Заклучно со јули 2024 година, годишната стапка на инфлација, мерена преку Индексот на трошоците на животот, изнесуваше 3%, пад од 4,5% во мај и 3,2% во јуни, кога порасна поради отстранувањето на замрзнување на цените од страна на владата. Понатаму, девизните резерви продолжуваат да растат, достигнувајќи 4,3 милијарди евра, а банкарскиот сектор изгледа стабилен и профитабилен. Затоа, рејтинг агенцијата „Стандард и Пурс“ го потврди ББ- со стабилен изглед за рејтинг на земјата.

Услугите ја сочинуваат најголемата економска гранка во земјата, а меѓу нив преовладуваат банкарскиот, ИКТ, осигурувањето, туризмот, трговија (трговија на големо и мало), логистиката и транспортниот сектор. Најважните производствени сектори се: автомобилските делови, челикот, прехранбените производи, обувките, текстилот, тутунот, градежништвото, хемиски и рударски производи. Во економското ткиво на земјата работат околу 73.000 мали и средни бизниси.

МЕЃУНАРОДНА ТРГОВИЈА И ДИРЕКТНИ СТРАНСКИ ИНВЕСТИЦИИ

Северна Македонија е отворена за меѓународната трговија, особено кон Европската  унија и е доста зависна од меѓународниот увоз. Сепак, според Државниот Завод за статистика, трговската размена со земјава во периодот јануари-јуни 2024 година, слично како и во 2023 година, бележи пад од 3,2% во однос на истиот период претходната година и изнесува 9.474 милиони евра.  Увозот бележи благ пораст (+0,1%) и достигна 5.544 милиони евра, а извозот бележи пад од 7,6% за вкупно 3.929 милиони евра. Стапката на покриеност е 70,9%, со трговски дефицит од 1.614 милиони евра.

Во структурата на македонскиот извоз преовладуваат катализатори од вредни метали, спроводници за возила, авиони и бродови, железен никел и компоненти за автомобилски седишта. Кај увезените стоки преовладуваат нафтените деривати и минералните масла, нерафинирани или во прав платински легури, електричната енергија и хемиските производи.

БИЛАТЕРАЛНИ ЕКОНОМСКИ ОДНОСИ И МОЖНОСТИ

Според податоците објавени од Завод за статистика на Северна Македонија, во периодот јануари-јуни 2024 година, трговската размена меѓу Италија и Северна Македонија изнесува 339.6 милиони евра, што е за 4,9% помалку во однос на истиот период од претходната година. Севкупно, Италија е осми трговски партнер на Скопје, со вкупно учество од 3,58%.

Намалувањето главно се должи на намалувањето на увозот во Италија од Северна Македонија, кој забележа пад од 5,8%, за вкупна вредност од 105.7 милиони евра, речиси исклучиво поради падот на увозот на производи од челик како железо, леано железо, челик и феролегури. Во структурата на увоз во Италија од Северна Македонија продолжуваат да преовладуваат: производи од челик, обувки, апарати за домаќинство, други машини за општа намена, преработки од месо и месни производи, медицински и стоматолошки инструменти и материјали, гумени производи и плетени производи.

Италијанскиот извоз во Северна Македонија во првата половина на 2024 година се приближи до 234 милиони евра (- 4,5% во споредба со истиот период во 2023 година), со што Италија е на осмата позиција меѓу земјите снабдувачи. Главните стоки што се извезуваат од Италија во РСМ остануваат следните: машини за општа намена, други машини за специјална намена, прехранбени производи (шеќер, чај и кафе, зачини и зачински билки, делови и готови оброци), метални производи, производи направени од суровини од пластика, машини за обликување на метали и возила.

Состојбата на италијанските инвестиции во Северна Македонија во декември 2022 година изнесуваше 163.97 милиони евра, единаесетто место на рангирањето на земји-инвеститори. Како заклучок, вреди да се истакне дека учеството на италијанските компании на домашни и меѓународни тендери во секторот на земјоделство, енергетика, животна средина и транспорт во целина е добро, иако постои дополнителен простор за раст, имајќи ги предвид и одличните билатерални односи меѓу две земји и во однос на понатамошни области на интерес.