Оваа страница користи технички (потребни) и аналитички колачиња.
Продолжувајќи да прелистувате, прифаќате употреба на колачиња.

Италија и Северна Македонија

Со повеќе од триесет години дипломатски односи, Италија отсекогаш била поддржувач на евроатлантските аспирации на Република Северна Македонија, и поддржувач во реформските процеси неопходни за постигнување на овие цели, исто така преку активно учество во ИПА (во моментот на пишување, активни се два Твининг-проекта, а третиот неодамна е склучен). Искрената и одлучна италијанска поддршка се заснова на меѓуинституционалната соработка, демократската консолидација на земјата и структурните реформи – особено во областа на владеењето на правото, независноста и автономијата на судството и борбата против корупцијата и организираниот криминал.

Како што е познато, Северна Македонија во март 2020 година, по решавањето на постоечкиот спор со Република Грција, ја постигна една од своите најважни стратешки цели со влезот во НАТО. Со отстранувањето на бугарското вето, по постигнатиот компромис во јули 2022 година, втората стратешка цел на земјата, односно влезот во Европската унија, се чини полесно остварлива, при што Северна Македонија неодамна го заврши скрининг  процесот.

Италијанската Република ја признава Северна Македонија како суштинска држава за стабилноста на Западен Балкан, регион близок до Италија и со кој има многу длабоки историски, политички, социјални и економски врски. На ниво на ЕУ, италијанската позиција отсекогаш била јасна и ја поддржува земјата во нејзината цел за евроинтеграција, како што во неколку наврати беше препознаена од нејзиниот македонски партнер; дури и во најтешките моменти, впрочем, Италија никогаш не ја повлече поддршката, останувајќи убедена во потребата за почеток на пристапните преговори што е можно поскоро. Понатаму, не случајно, зборувајќи за евроинтегративните процеси на Западен Балкан, премиерот Мелони во неколку наврати изјави дека повеќе го сака изразот „Повторно обединување на европското семејство“ отколку да зборува за проширување.

Политичките врски меѓу Италија и Северна Македонија се одлични и постепено се интензивираат. Тоа го покажува зачестеноста и големиот број на институционални средби и посети на високо ниво што се одржаа во последните години.

Пред сè, неопходно е да се потсетиме на посетата на претседателот на Републиката Серџо Матарела во Скопје (8 и 9 септември 2022 година), трета посета од страна на  италијански шеф на држава, од раѓањето на Република Северна Македонија, кој особено потсети на одличните релации меѓу двете земји и на споменатата италијанска поддршка за процесот на европска интеграција.

На ниво на претседатели, не може а да не се спомене и посетата на новоизбраната претседателка на Република Северна Македонија Гордана Силјановска-Давкова, која беше гостин на Квиринале на 24 мај годинава. Имено, ова беше прва посета на новиот претседател во странство, на маргините на празникот Свети Кирил и Методиј.

Значајна е и посетата на Скопје на поранешниот претседател на Домот на пратеници Роберто Фико, на 12 и 13 април 2022 година, и во таа прилика се сретна со неговиот тогашен колега Талат Џафери; Претседателот на Собранието на РСМ ја возврати посетата на 23 јуни 2022 година, потпишувајќи со претседателот Фико протокол за билатерална соработка помеѓу Домот на пратениците и Собранието на РМ.

Ниту на ниво на премиери не недостигаа можности за средби. Како што е познато, на маргините на Самитот на НАТО што се одржа во Вашингтон, од 9 до 11 јули 2024 година, беше одржана билатерална средба меѓу премиерот Џорџија Мелони и премиерот Христијан Мицкоски, на која меѓу другото се разговараше за можноста за зголемување на економско-трговската размена меѓу двете земји (слични размени има и во последно време; во таа насока да се потсетиме на средбата што се одржа меѓу тогашниот премиер Марио Драги и неговиот колега Димитар Ковачевски на 24 мај 2022 година во Рим).

Имаше и бројни посети на министри, особено во последните години, со големо влијание врз растот на билатералните односи. Неодамна, да потсетиме, беше реализирана посетата на Скопје од страна на министерот за одбрана Гвидо Кросето, примен од поранешната министерка за одбрана Славјанка Петровска на 29 март 2024 година. Во оваа прилика, двајцата министри го потпишаа договорот за “Air Policing”, во согласност со целите на НАТО, и благодарение на тоа италијанското воено воздухопловство ќе патролира во воздушниот простор на Северна Македонија, заедно со грчките и македонските сили. Подеднакво важна беше и посетата на тогашната министерка за внатрешни работи Лучиана Ламорџесе со поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, одржана во Скопје на 30 ноември 2021 година, возвратена на 26 мај следната година.

Понатаму, треба да се напомене дека се потпишани бројни билатерални меморандуми за зајакнување на соработката во различни области, вклучително, во последниот период, во областа на земјоделството (меѓу министерствата за земјоделство, потпишани од релевантните тогашни министри Патуанели и Николовски, како и меѓу инспекторатите на двете министерства), за борба против трговијата со дрога (помеѓу Министерствата за внатрешни работи), за борба против корупцијата (меѓу АНАК и Комисијата за спречување на корупцијата на Северна Македонија).

Од оваа последна гледна точка, вреди да се споменат бројни форми на соработка на техничко ниво, кои доведоа, на пример, до интеракции меѓу администрациите на двете земји, со контакти (понекогаш и до активни форми на структурирана соработка) а тоа се на пример, Државниот совет, Судот на ревизори и Вишата магистратура.