Амбасадорот Андреа Силвестри организираше прием на почетокот на годината во неговата резиденција на кој присуствуваа премиерот Димитар Ковачевски, заедно со вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и министерката за добро владеење, Славица Грковска, министерот за здравство Беким Сали, гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска како и на претставниците на економските и културните институции на Северна Македонија, како и претставници на италијански институции (ИТА Скопје) и италијански здруженија (Конфиндустрија Северна Македонија и Џифони Македонија) и некои членови на дипломатскиот кор и меѓународните организации присутни во земјата.
2023 година ќе биде специјална година, истакна амбасадорот – бидејќи на 16 декември оваа година ќе се одбележи 30-годишнината од дипломатските односи помеѓу нашите две земји. Годишнина која имаме намера да ја прославиме со серија специјални настани, покрај оние кои традиционално се организираат секоја година (Неделата на италијанскиот јазик, на италијанскиот филм, на италијанската кујна, Ден на италијанскиот дизајн и др). Настани кои ќе се движат од музика до танц, од театар до изложби, модни ревии, но ќе вклучуваат и економско-комерцијални настани и иницијативи посветени на актуелни прашања од поширока важност. Заедничката нишка ќе биде автентичното пријателство кое отсекогаш ги истакнувало односите помеѓу владите, институциите и народите на Италија и Северна Македонија.
Силвестри потсети дека приоритетот даден на регионот на Западен Балкан беше веднаш потврден и тоа во повеќе наврати од страна на новата Влада предводена од премиерката Мелони, а доказ за ова е и Конференцијата организирана од вицепремиерот и министер за надворешни работи Тајани за следната недела во Трст. Во тој контекст, се потврдува целосното внимание на Италија кон Северна Македонија како и нејзината цврста поддршка кон европската интеграција на земјата и развојот на билатералните односи, исто така и преку нови посети на политичко ниво, после официјалната посета на претседателот Матарела минатата година.
Сето ова, во рамките на целокупната соработка, која веќе вклучува бројни партнерства во областите на животната средина, одржливото земјоделство, одбраната и внатрешните работи, владеењето на правото, образованието, универзитетите, културата итн. Соработка која исто така го користи постоењето на значајната македонска дијаспора во Италија и Алумни асоцијацијата промовирана од страна на Амбасадата за да не се дисперзираат искуствата на многуте македонски граѓани кои студирале на италијанските универзитети. Накратко кажано – заклучи амбасадорот – однос кој е сé поважен, дури и во сегашниот контекст на предизвици – внатрешни и надворешни – со кои се соочува Северна Македонија, и кои секогаш ќе ја гледаат Италија на нејзина страна, дури и на нејзиниот пат кон евроинтеграција.
Италијанската улога е целосно признаена и од претседателот на владата Ковачевски. Италија е наш убеден партнер и поддржувач во нашите реформски и евроинтеграциски процеси – изјави премиерот.
Нашата многу долга соработка – додаде тој – ќе продолжи во насока на подобрување на билатералните односи меѓу двете земји. Во тој контекст, Ковачевски изрази високо мислење и искрена благодарност за сето она што Амбасадата го направила и продолжува да го прави под водство на Амб. Силвестри.