Италијанската амбасада во Скопје се приклучи на иницијативата на Министерството за надворешни работи и меѓународна соработка која поттикна поставување црвени клупи во мрежата на италијанските дипломатско-конзуларни претставништва во светот како симбол на борбата против насилството врз жените. Иницијативата беше покрената од потпретседателот на Владата и министер за надворешни работи и меѓународна соработка, Антонио Тајани, минатата година, по повод Меѓународниот ден на жената.
За време на инаугурацијата на иницијативата, италијанскиот амбасадор Андреа Силвестри потсети на зборовите на потпретседателот Тајани, во кои се истакнува дека: „црвената клупа е симбол на празното место што го остава во општеството жената жртва на фемицид: мора да се ставиме на тоа место на клупата и да ја дадеме нашата поддршка на жените, на борбата против насилството, но и против дискриминацијата“.
Амбасадорот исто така посочи и дека поставувањето на црвената клупа се совпаѓа со инаугурацијата на Неделата на италијанскиот филм во Скопје која ќе се одржи во Кинотека на Северна Македонија, поврзувајќи ја со темите опфатени во филмот „И утре е ден“ на Паола Кортелези, со кој ќе се отвори филмскиот фестивал вечерва. Наградуваниот блокбастер се занимава со темата на насилството врз жените, родовата еднаквост и женската еманципација.