Questo sito utilizza cookie tecnici, analytics e di terze parti.
Proseguendo nella navigazione accetti l'utilizzo dei cookie.

Preferenze cookies

XXIII Недела на италијанскиот јазик во светот “Италијанскиот и одржливоста”

СООПШТЕНИЕ ЗА XXIII НЕДЕЛА НА ИТАЛИЈАНСКИОТ ЈАЗИК ВО СВЕТОТ

Најважната манифестација во годината со која се одбележува италијанскиот јазик во светот ќе започне на 16 октомври и во ова издание ќе биде посветена на темата „Италијанскиот и одржливоста“, како и на еден од најзначајните италијански писатели, Итало Калвино, на сто годишнината од неговото раѓање. Амбасадата на Италија во Скопје, во соработка со институциите кои ја промовираат италијанската култура во Северна Македонија, подготви бројни иницијативи наменети за најшироката публика на вљубеници во италијанскиот јазик и книжевност, на екотуризмот, театарските претстави, киното и поезијата инспирирана од природата и од географските места.

Во вторник, 17 октомври, ќе се одржи официјалната инаугурација на XXIII Недела на италијанскиот јазик во светот со научниот собир „Како го читаме Калвино денес: наследство, рецепција, преводи“ што ќе се одржи на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, со почеток во 9.30 часот. На собирот ќе присуствуваат Рино Капуто, почесен професор на Универзитетот „Тор Вергата“ од Рим и автор на есеи и книги за италијанската литература, македонските писатели Влада Урошевиќ и Гоце Смилевски, и кураторот на семинарот и Раководител на Катедрата за италијански јазик и книжевност, проф. Анастасија Ѓурчинова, како и многу други професори и проучувачи на делата на Калвино во земјава. Во оваа прилика ќе биде отворена и изложбата „Калвино овде и на други места“, која ќе понуди визуелно патување низ изданијата на книгите на Калвино објавени на многу јазици на светот, вклучително и на македонскиот јазик.

Еден посебен настан на овогодинешната манифестација ќе биде посветен и на триесетгодишнината од дипломатските односи меѓу Италија и Северна Македонија. Станува збор за официјалната презентација на поштенска марка, реализирана во соработка со АД Пошта на Северна Македонија, што ќе се одржи во среда, 18 октомври во седиштето на Сојузот на филателистите на Македонија во Скопје, со почеток во 12.00 часот. Графичкиот дизајн за поштенската марка беше избран на конкурс, организиран во април од страна на Амбасадата и Институтот Данте Алигиери од Скопје. На настанот, филателистите од земјава ќе имаат можност да го слушнат сведоштвото на Амбасадорот Виктор Габер, пионер во дипломатските односи меѓу двете земји, како и филателист, и да ја добијат како подарок комеморативната поштенска марка.

Истиот ден, Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип ќе биде домаќин на експертското предавање на Проф. Рино Капуто на тема одржливоста во делата на Итало Калвино.

Како и секоја година, Здружението на професори по италијански јазик ќе организира низа онлајн активности, вклучувајќи и изложба на постери инспирирани од темата на одржливоста и делата на Итало Калвино, како и видео записи за еколошки акции создадени од учениците по италијански јазик. Во програмата ќе се вклучат и основните и средни училишта од Струмица „Јане Сандански“, „Сандо Мазев“, „Даме Груев“ и „Герас Цунев“ со едукативни игри за збогатување на вокабуларот поврзан со одржливоста.

На 24 октомври, љубителите на природата, планините и екотуризмот ќе можат да уживаат во презентацијата на првиот опширен водич за планинскиот и културен туризам во Северна Македонија на италијански јазик, напишан од Алесио Ликуори (Прв секретар на Амбасадата од 2017 до 2021 година). По нејзината неодамнешна објава во Италија, книгата „Северна Македонија: природа, екскурзии и култура“ ќе биде презентирана за прв пат во земјава во Европската куќа (Europe House) во Скопје со почеток во 17 часот.

Следниот ден штипската јавност ќе биде поканета да го запознае авторот на водичот на средба која ќе се одржи на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип во 11.00 часот.

Понеделник 30 октомври и вторник 31 октомври се термините резервирани за две поетски вечери кои ќе се одржат во Куманово и во Скопје. Во понеделник, 30 октомври, во градската библиотека „Тане Георгиевски“ во Куманово ќе се одржи настанот „Македонски погледи и видливи градови“ кој го истражува односот меѓу местата и поезијата преку страниците на стихозбирката „Македонски погледи“ на авторите Марио Де Роза и Ернесто Ередеро дел Кампо, објавена на четири јазици: италијански, македонски, англиски и шпански. Следниот ден, 31 октомври, во 19.00 часот во инспиративната атмосфера на Даут пашин амам во Скопје ќе бидеме сведоци на поетското патување меѓу Италија и Швајцарија опишано во делата на италијанско-швајцарската поетеса Лучила Трапацо. Вечерта е организирана во соработка со Швајцарската амбасада во Скопје.

И најпосле, богатата палета на настани ќе ја заокружи претставата „ГАЈА“ на експерименталната театарска група од Форли која ја обработува темата на зачувувањето на животната средина. Претставата е организирана во соработка со Италијанскиот институт за култура од Белград и театарскиот фестивал МОТ и е закажана на 11 ноември во 20.00 часот во МКЦ.

Покрај тоа, во рамките на Неделата на италијанскиот јазик во светот, чија тема е одржливоста, Амбасадата ќе го поддржи и „Ехо планински филмски фестивал“ кој ќе се одржи во Скопје од 23 до 27 октомври.

Италијанската Амбасада ги поканува сите заинтересирани да учествуваат на настаните на Неделата на италијанскиот јазик, на кои влезот ќе биде слободен. Повеќе информации за поединечните иницијативи може да се прочитаат во деталната програма објавена на официјалната веб-страница и на Фејсбук страницата на Амбасадата на Италија во Скопје.

img 20231013 wa0003