И оваа година Министерството за надворешни работи и меѓународна соработка на Италија се приклучи на меѓународната кампања за мобилизација по повод денот за елиминација на насилството врз жените. Како што посочи заменик-претседателот на Владата и министер за надворешни работи и меѓународна соработка, г. Антонио Тајани, „Италија мора да биде во првите редови за промовирање на родовата еднаквост и женската еманципација, особено за спречување и борба против сите форми на дискриминација и насилство врз жените“.
Оваа година темата ќе биде дискутирана и на министерската средба Г7 во Фјуџи-Анањи. На 25 ноември, за време на министерскиот состанок, ќе биде инаугурирана „црвена клупа“ – во спомен на жените жртви на насилство и на нивните загубени животи – и ќе биде поставена комеморативна плоча од страна на министрите за надворешни работи присутни во театарот во Фјуџи, чие седиште за оваа пригода ќе биде осветлено во портокалова боја.
Иницијативата го потврдува вниманието што Италија, како земја предводник со Г7, сака да го посвети на прашањето за спречување и борба против насилството врз жените и девојчињата, особено и во воено-конфликтни ситуации, каде што сексуалното насилство се користи и како оружје.
Освен тоа, на иницијатива на министерот Тајани, италијанското Министерство за надворешни работи и неговата мрежа на претставништвa и оваа година ќе се приклучат на кампањата “Orange the World: End Violence against Women Now!”, промовирана од UN Women, која ќе опфати 16-дневни активности спроведени во соработка со граѓанските здруженија. За таа пригода, седиштето на Министерството – палата Фарнезина – на 25 ноември ќе биде осветлено во портокалова боја.
Елиминацијата на насилството врз жените и поддршката за женската еманципација се потврдени како стожери на италијанската надворешна политика и на развојната соработка. Сведоци за тоа се и бројните меѓународни кампањи, како што се оние за искоренување на осакатувањето на женските гениталии и прераните и присилни бракови, во кои Италија отсекогаш била меѓу најгласните поборници, исто така и преку италијанските заложби во рамките на Комисијата на ОН за состојбата на жените.
Исто така, во рамките на Агендата на ОН „Жени, мир и безбедност“, Италија, преку наменет Национален акциски план, се става на чело меѓу земјите-членки на Обединетите нации, промовирајќи иницијативи насочени кон поттикнување на целосното учество на жените во сите активности за спречување и решавање конфликти, како што е онаа на Мрежата на жени посредници од Медитеранот, иницирана од Италија во 2017 година.
Неодамнешните Насоки на италијанската кооперација за родова еднаквост и зајакнување на положбата на жените, девојките и девојчињата имаат за цел, во оваа смисла, дополнително да ги интензивираат италијанските заложби преку конкретни иницијативи во разни полиња меѓу кои здравјето на жените, мајките и децата, сексуалното и репродуктивното здравје, програмите за поддршка за образование на девојчиња и жени.
На барање на министерот Тајани, Министерството ја посвети програмата за стипендии за млади меѓународни таленти „Invest Your Talent in Italy“ на Џулија Чекетин, во сеќавање на младата девојка и жртва на насилство која беше апсолвент на факултетот за биомедицинско инженерество. Програмата нуди поддршка за следење на високо специјализирани курсеви за инженерски, економски или архитектонски дисциплини на италијанските универзитети, како и за обуки во компании низ цела Италија.