Questo sito utilizza cookie tecnici, analytics e di terze parti.
Proseguendo nella navigazione accetti l'utilizzo dei cookie.

Preferenze cookies

VISITA MINISTRO LAMORGESE – COMUNICATO STAMPA

Министерката за внатрешни работи Лучана Ламорџезе денеска беше во посета на Република Северна Македонија. Тоа беше прва посета на Министер за внатрешни работи на Италија во земјава. Министерката учествуваше на 22. состанок на Комитетот на министри на земјите кои се дел од Конвенцијата за полициска соработка во Југоисточна Европа. Министерката одржа поздравен говор на отворањето на состанокот, во кој подвлече дека Италија му посветува големо внимание на регионот на Западен Балкан, кој е од стратешко значење, меѓу другото, и во полето на безбедноста.

Во таа насока, Ламорџезе ја подвлече цврстата поддршка на Италија за интегрирање на сите земји од регионот во ЕУ. Министерката потоа се осврна на споделувањето на податоци и информации, во согласност со одлуките од Прим, како и нивната брза достапност до полицијата, со цел да се овозможи брз одговор на ризиците и заканите по безбедноста во регионот предизвикани од транснационалниот организиран криминал.

Ламорџезе исто така ги поттикна присутните да работат на зајакнување на прекуграничната соработка на тема проток на мигранти по балканската рута и влез на foreign fighters, како и на други заеднички приоритети меѓу кои и борба против трговијата со дрога и против можните терористички инфилтрации во регионот

Министерката потоа се сретна со својот македонски колега, Оливер Спасовски, кому најпрво му изрази сочувство за многу тешката сообраќајна несреќа во која минатата недела загинаа 45 македонски државјани. Двајцата министри потоа се фокусираа на билатералната соработка меѓу Италија и Северна Македонија, како на оперативно ниво (особено на полето на борбата против организираниот криминал и трговијата со дрога), така и во однос на активностите за обука што ги нуди нашата земја за македонските службеници. Беа позитивно оценети и проектите финансирани од ЕУ од областа владеење на правото (централна тема во процесот на евроинтеграција на земјата) со италијански резидентни експерти. Особено внимание ѝ беше посветено на темата миграции, со посебен осврт на балканската рута и на можните форми на соработка во европски контекст. Двајцата министри разменија искуства и на тема управување со кризта предизвикана од Ковид-19. На крајот, Ламорџезе го покани Спасовски во Италија кадешто ќе се потпише меморандумот за соработка во борба против трговијата со дрога, кој во моментов се подготвува.

Министерката Ламорџезе потоа оствари средба со премиерот Заев, кому му ја најави италијанската донација на 250.380 вакцини Pfizer, досега најголемата донација за Северна Македонија направена од една земја. Оваа донација, финансирана од италијанското Министерство за надворешни работи и меѓународна соработка преку механизмот COVAX Gavi, ќе пристигне во Скопје околу 17 декември. Во тој контекст, министерката го подвлече значењето на интензивирање на кампањата за вакцинација, за да се обезбеди најдобра заштита на населението и да се намали бројот на новозаразени, и истакна дека Италија е подготвена да го сподели своето искуство во тоа поле .

Министерката оствари средба и со претседателот на Републиката Стево Пендаровски, кому му ја повтори цврстата поддршка на Италија за европскиот пат на земјата, а особено за почеток на преговорите со Албанија и Северна Македонија за влез во ЕУ, со надеж дека постоечките пречки ќе бидат надминати што поскоро.

„Посетата на Министерката Ламорџезе, со најавата за донација на над 250,000 вакцини, го потврди одличното ниво на соработка и пријателство меѓу Италија и Северна Македонија“, изјави Амбасадорот Силвестри.