ИСПЛАТА НА ПЕНЗИИТЕ НАДВОР ОД ИТАЛИЈА ОД СТРАНА НА INPS
Се известуваат корисниците дека кампањата за проверка на ПОСТОЕЊЕ ВО ЖИВОТ на пензионерите кои примаат пензија во странство, за 2025 година, е отворена од 20 март до 18 јули 2025 година.
Пензиите им се исплатуваат на лицата со живеалиште во странство секој месец. Пензиите со износ понизок од законски утврдениот праг се исплаќаат на секои шест месеци, како што е случај и со пензионерите во Италија. Исплатата на пензиите обично се врши преку уплата на трансакциска сметка на пензионерот.
Почнувајќи од февруари 2012 година, исплатата на пензиите во странство е доверена на Citibank.
Citibank има задача да ја врши годишната проверка на постоење во живот, адресата и живеалиштето на пензионерот.
Начинот утврден помеѓу INPS и Citibank за потврда на постоење во живот предвидува пензионерот да пополни „Формулар за Потврда на Постоење во Живот“ (кој го добива од самата банка на неговата домашна адреса), да го потпише и потписот да му биде заверен од Конзуларното претставништво или од јавно овластено лице признаено според законодавството на Земјата каде што живее, по што го испраќа назад до банката.
- Потврда на постоење во живот на пензионери со живеалиште во странство преку закажан термин во Амбасада:
Пензионерот кој го има добиено формуларот за потврда на постоење во живот треба да закаже термин со Конзуларното одделение преку порталот Prenot@mi (https://prenotami.esteri.it), или со испраќање на е-пошта на consolare.skopje@esteri.it, или со јавување на броевите +389 2 3236 517 / 518 / 519 / 520 (телефонски шалтер активен: понеделник од 10:00 до 13:00 и од 14:30 до 16:00; од вторник до четврток од 14:30 до 16:00; петок од 13:30 до 15:00).
Лицето треба да се појави на закажаниот термин со важечка лична карта и со формуларот што го добило по пошта од Citibank.
- Потврда на постоење во живот на пензионери со живеалиште во странство преку видео повик:
За да се олесни потврдата на постоењето во живот, INPS и Citibank утврдија дека конзуларните канцеларии можат да користат и видео повици.
За да се продолжи со проверка преку видео повик, пензионерот кој го примил формуларот за барање потврда на постоење во живот треба да достави следната документација:
- Оригиналниот формулар за барање потврда на постоење во живот потпишан;
- Копија од важечки пасош или личната карта.
Овие документи можат да бидат испратени во дигитален PDF формат преку е-пошта на consolare.skopje@esteri.it, или во хартиен формат испраќајќи ги со препорачана пошта или ставајќи ги во поштенско сандаче на следната адреса:
ИТАЛИЈАНСКА АМБАСАДА ВО СКОПЈЕ Конзуларно одделение
Улица Осма Ударна Бригада, 22 – 1000 Скопје
Конзуларното одделение, по примањето на документацијата, ќе контактира со пензионерот на наведените телефонски броеви или преку е-пошта за да закаже видео повик.
При видео повикот, пензионерот треба да ја покаже оригиналната лична карта или пасош, како и копијата или оригиналот на формуларот за барање потврда на постоење во живот, кој веќе е испратен до Конзуларното одделение.
За помош, пензионерите можат да се обратат до сервисот за поддршка на CITI преку следните начини:
- Посетувајќи ја веб страницата inps.citi.com;
- Испраќајќи порака по е-пошта на адресата: pensionati@citi.com;
- Повикувајќи се на еден од телефонските броеви наведени во писмото со инструкции.