Министерството за надворешни работи и меѓународна соработка (MAECI) на Република Италија објавува јавен повик за доделување на награди и грантови за промоција на италијански книги преку превод на литературни или научни дела на странски јазици, како и продукција, синхронизација и титлување на краткометражни и долгометражни филмови или телевизиски серии. Целта на овие придонеси е промоција на италијанската култура во странство. Делата за кои ќе се доделат наградите и грантовите согласно овој повик мора да придонесуваат за постигнување на наведената цел.
ЦЕЛНА ГРУПА
Барања за награди и грантови можат да поднесат издавачи, преведувачи, продукциски компании, компании за дистрибуција, синхронизација и титлување на филмови, книжевни агенти/агенции и културни институции, со седиште во Италија или во странство. Во секој случај, во барањето мора да се наведе како примател на грантот издавачката куќа/компанијата/културната институција која го има или ќе го стекне правото за објавување на делото на странски јазик.
ТИПОLOГИЈА НА ФИНАНСИСКИ ПРИДОНЕСИ
Предвидени се два типа на поддршка:
- a) Грантови за:
- Промоција на италијански книги во странство преку превод и објавување на италијански литературни или научни дела, вклучително и во дигитална форма (електронска книга или e-book), чија објава е предвидена по 1 јули 2026 година; односно, не порано од завршувањето на постапката за селекција и доделување на придонесите согласно конкурсот.
- Исто така може да се побара и придонес за продукциски трошоци, синхронизација или титлување на краткометражни, долгометражни филмови или телевизиски серии кои ќе се реализираат по 1 јули 2026 година односно, не порано од завршувањето на постапката за селекција и доделување на придонесите согласно конкурсот.
б) Награди за:
- Италијански литературни или научни дела, вклучително и во дигитална форма (електронска книга или e-book), кои се веќе преведени и објавени по 1 јануари 2025 година;
- Продукција, синхронизација и титлување на краткометражни, долгометражни филмови или телевизиски серии наменети за масовни медиуми, веќе реализирани по 1 јануари 2025 година.
НАЧИН И РОК ЗА ПОДНЕСУВАЊЕ НА БАРАЊАТА
Барањата мора да се поднесат ИСКЛУЧИВО со формуларот (2026 modulo di domanda IT-EN-ESP_RICHIEDENTE), приложен кон овој повик ENG 2026 Bando Premi e Contributi, пополнет целосно (на италијански, англиски или шпански јазик) од страна на апликантот.
Целосно пополнетите барања со сите документи наведени во повикот треба да се достават до Амбасадата најдоцна до 31 март 2026 година.
ГРАНТОВИ
Документација која треба да се приложи кон барањето за грант:
- Краток проект (максимум 3000 карактери вклучувајќи ги и празните места), кој ќе содржи: предвидено време за објава/продукција на делото и планирани канали за промоција (саеми на книга, презентации, и сл.);
- CV на преведувачот и потпишан договор за превод (во случај на барања за литературни или научни дела); ИЛИ CV на преведувачот на титловите, на одговорниот за филмската синхронизација и потпишан договор за превод на филмското дело (кога барањата се однесуваат на аудиовизуелни продукции);
- Краток финансиски план со наведени трошоци на проектот (изразени во евра), кој ќе вклучува: единична цена (по страница, збор, минута итн.), вкупна цена на превод и планиран тираж (важи само за литературни или научни дела);
- Копија од корицата и првата страница на книгата на италијански (за литературни и научни дела) ИЛИ DVD или линк до аудиовизуелното дело (за барања за синхронизација/титлување);
- Копија од договор за авторски права, потпишан од сопственикот на правата и купувачот, и има валиден рок за објава, или писмо за намера на откуп на правата потпишано од продуцентот/издавачот (грантот, доколку биде доделен, ќе се исплати само по доставата на документ кој сведочи за извршениот откуп на правата за објава). Во случај на бесплатно отстапување на правата за објава, потребно е да се достави соодветна изјава од страна на сопственикот на правата.
- Краток и детален извештај за употребата на претходно доделени грантови (број на продадени копии/билети за проекција/телевизиски емитувања, рецензии, презентации, застапеност во медиумите итн.) (важи само за апликанти кои веќе биле корисници на придонеси од Министерството за надворешни работи на Италија во последните три години).
Важно:
- Доделувањето на грантовите не дава право за поставување и објава на логото на Министерството за надворешни работи или на Амбасадата на Италија на преведеното дело.
- Според Министерската одлука бр. 159/2014 и бр. 236/2021, грантовите се повлекуваат доколку делата не се објават/преведат/продуцираат/синхронизираат/титлуваат во рок од 3 години од доделувањето.
НАГРАДИ
Документација за барање за награда:
- Сите документи кои се наведени погоре за грантовите (освен временски план за реализација на проектот);
- Копија од преведеното и објавено дело на странски јазик или објавената аудиовизуелна продукција/филмско дело со синхронизација или титлови на странски јазик, во дигитална форма;
- Копија од потпишан договор за авторски права.
Забелешка: приложената документација (кон барањата за грант или награда) мора да се достави со превод на италијански, англиски или шпански јазик.
НЕПРИФАТЛИВОСТ
Нема да се прифаќаат барања за дела кои веќе биле објавени, преведени или синхронизирани пред поднесување на барањето, како и барања за дела чија објава е предвидена пред 1 јули 2026 година, односно пред завршувањето на постапката за селекција и доделување на придонесите согласно конкурсот.
Ќе бидат исклучени од селекцијата и барањата поднесени по рокот за аплицирање наведeн во повикот (**31/03/2026**).
Нема да се прифаќаат барања за грантови чиј износ е еднаков или поголем од трошоците на проектот. Придонесите од Министерството за надворешни работи и меѓународна соработка на Италија исто така не смеат да биде обврзувачки елемент за реализација на преводот, продукцијата, објавата, синхронизацијата или титлувањето на делото.
Нема да се прифаќаат барања поднесени на друг начин од оној предвиден во овој повик, како и барања кон кои не е приложена целосната документација или кои се поднесени со формулар различен од приложениот во повикот или кој е нецелосно пополнет во сите полиња.
Нема да се прифаќаат барања за Грантови/Награди за дела кои веќе добиле друга финансиска поддршка за објавата од италијански институции (на пр.: субвенции од CEPELL – Центар за книги и читање).
Не се прифатливи барања за придонеси за повторно издавање на дела кои веќе биле објавени пред роковите предвидени во овој Повик.
Се нагласува дека висината на доделените грантови/награди може да биде иста или помала од побараната сума во барањето, во зависност од бројот на пристигнати барања и финансиската достапност на Министерството за надворешни работи и меѓународна соработка на Италија.
Прилози
BANDO PER PREMI E TRADUZIONI 2026