Во рамките на IX Ден на италијанскиот дизајн во светот, на 21 февруари 2025 година на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство во Скопје се одржа конференцијата „Нееднаквости: Италијанскиот дизајн за подобар живот“, организирана од Италијанската амбасада во Скопје во соработка со Италијанската трговска агенција и со поддршка на ФИНКИ, BAU Accelerator, ЦАПРИС (Центар за напредни и пост -докторски истражувања при УКИМ, Делегација на Европската Унија во Република Северна Македонија и Europe House Скопје.
Настанот го отвори воведниот говор на амбасадорот на Италија Паоло Палминтери, кој го истакна значењето на Италија во дизајнерскиот сектор како пионерска земја која успешно ја интегрира традиционалната естетика со потребите за одржливост и социјална инклузија, преку технолошките иновации.
„Се надеваме дека споделувањето примери за одржлив урбан развој во Италија, како оној на градот Торино, ќе доведе до нови соработки со Северна Македонија“ – изјави амбасадорот пред бројната публика составена од студенти, претприемачи, архитекти и дизајнери.
Поздравен говор до присутните упатија и министерот за дигитална трансформација на Северна Македонија Стефан Андоновски, градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска, координаторот на EIB Ris Hub за Северна Македонија Александар Стамболиевски и деканот на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство проф. Боро Јакимовски, кои го оценија настанот како одлична можност за размена на искуства и урбани технологии со Италија.
Четворицата почесни гости ја илустрираа извонредноста на италијанскиот дизајн преку најрепрезентативните проекти во секторите на урбана трансформација, технолошки иновации и одржлив развој, меѓу кои беа менаџерот за регионален развој на „Торино урбан лаб“ проф. Кјара Лукини, директорот на Хабот за дигитална трансформација на Пиемонте Франческо Моска, менаџерот на фирмата SuperUrbanity Родолфо Пинто и претседателот и извршен директор на Systematica Џовани Ботини.
Додадена вредност на конференцијата ѝ даде излагањето на проф. Огнен Марина, кој ја истакна важноста на меѓународната соработка во размената на искуства, вештини и идеи за трансформација на урбаните средини во еко-одржливи центри кои ќе одговарат на актуелните потребите на граѓаните.