Оваа страница користи технички (потребни) и аналитички колачиња.
Продолжувајќи да прелистувате, прифаќате употреба на колачиња.

Во сеќавање 78 години од депортацијата на Македонските Евреи во Треблинка

По повод 78 годишнината од депортацијата на 7144 македонски Евреи во Треблинка, Амбасадата на Италија во Скопје во соработка со Еврејската Заедница во Р. Македонија, на 11 март во 18.00 часот ќе одржи виртуелна средба со Елзо Мерло и Лидија Максимович – односно со режисерот и главниот лик на документарниот филм „70072: девојчето што не знаеше да мрази“.

Филмот – којшто ќе биде достапен на веб страницата на Амбасадата на Италија (https://www.youtube.com/watch?v=Ezh-mfxNizE) од 9 до 11 март – ја раскажува вистинската приказна на едно девојче од три години што ќе биде одделено од мајка си при влезот во концентрациониот камп Биркенау. Нејзиното искуство во бараката на доктор Менгеле, посвојувањето од страна на еден полски пар по ослободувањето во 1945 и средбата со мајка ѝ по 17 години се раскажани со спокојна човечност од страна на самата протагонистка на настаните.

Примо Леви, еден од преживеаните од Холокаустот напиша дека доколку е невозможно да се разбере она што се случило, императив е настаните да се познаваат за да се избегне нивното повторување во иднината. Вештината во раскажувањето на историјата – што ја поседува овој филм – и нејзиниот пренос на новите генерации се главното оружје за тие никогаш да не се повторат.