Оваа страница користи технички (потребни) и аналитички колачиња.
Продолжувајќи да прелистувате, прифаќате употреба на колачиња.

Излагање на Министерот Алфано за Самитот во Трст за земјите од Западен Балкан (12-ти јули 2017)

Во ерата на глобалните предизвици, кои бараат заложба и посветеност на сите, повторното обединување на континентот е стратешка инвестиција во мирот, безбедноста и демократијата.

Тоа е духот кој ни дава ентузијазам во пресрет на Самит во Трст кој ќе се одржи на 12 јули, во рамки на кој ќе разговараме со нашите колеги од земјите на Западниот Балкан за клучните прашања за иднината на нашите граѓани.

Градејќи врз основите на заклучоците на Европскиот Совет од март годинава и на Декларацијата по повод шеесетгодишнината од потпишувањето на Римските договори, ќе потврдиме дека вратата на Европа останува отворена за земјите кои ги споделуваат нејзините вредности и дека ќе работиме за да ги придружуваме земјите од Западниот Балкан на патот кон Европа.

Од нашите пријатели од Балканот – кои позитивно се заложија за време на министерскиот состанок на 9 февруари во Скопје, да се воспостави еден редовен неформален состанок на Министрите за надворешни работи на земјите од Западен Балкан – ќе побараме силна заложба за продолжување на консолидацијата на демократските институции, на примената на владеењето на правото, на развојот на модерните и конкурентни економии. Потребно е да се надминат внатрешните поделби и обвинувања од минатото и неповратно да се избере Европа. Само преку дијалог и силен импулс за помирување ќе биде можно да се погледне со оптимизам кон иднината. Веќе не е време за двоумење, туку е време за избор. На македонските пријатели, им е впрочем позната политиката на силна и лојална поддршка на нивните евро-атлантски аспирации која Италија секогаш, конкретно, ја давала.

Самитот во Трст е четврта фаза – по Берлин, Виена и Париз – на еден процес кој започнува со далекусежноста на канцеларката Меркел, за да се даде импулс на демократската, економската и социјалната транзиција на Западниот Балкан.

Убедени сме дека моќта на трансформацијата која ја поседува овој механизам е далеку од исцрпена. Резултатите од самитот тоа и ќе го потврдат. Ние очекуваме:

• одобрување на значителен пакет на нови инфраструктурни проекти во областите на енергетиката и транспортот, откако во текот на годината беа отворени првите проекти одобрени на претходните Самити, што е видлив доказ за вкупната финансиската поддршка која ќе достигне половина милијарда евра и во рамки на која македонските проекти ќе го добијат потребното внимание;

• продлабочување на процесот на регионалната економска интеграција со цел да се ослободи потенцијалот на пазарот кој се состои од 20 милиони луѓе

• потпишување на Договорот за основање на Заедница на Транспорт, и создавање на интегриран простор во поглед на техничките стандарди и прописи;

• силен поттик на развојот на приватниот сектор, особено на малите и средни претпријатија;

• зајакнување на капацитетите за спречување и борба против корупцијата;

• проширување, во рамките на симболичната триесет годишнина од Еразмус, на можностите кои се нудат на новите генерации, благодарение исто така и на целосната функционалност на Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO).

Исто така ќе поставиме основа за зајакната соработка во борбата против тероризмот и радикализација и во справувањето со неконтролираните миграции кои се во рацете на криминалните групи.

Овие се важни чекори кои сведочат за нашата желба да ги придружуваме земјите на Западниот Балкан и оваа земја кон основната цел на европската интеграција, но кои, исто така, покажуваат зголемена подготвеност на Балканот да ја земат иднината во свои раце. Трст сака да даде сигнал на конкретен оптимизам, на патот на една заедничка судбина.

 

Анџелино Алфано

Министер за надворешни работи и меѓународна соработка