Оваа страница користи технички (потребни) и аналитички колачиња.
Продолжувајќи да прелистувате, прифаќате употреба на колачиња.

Говор на Претседателот Матарела во Собранието на Република Северна Македонија

Господин Претседателе на Републиката,

Господин Претседателе на Собранието,

Господине Премиер,

Госпоѓо Претседател на Уставниот суд,

Дами и господа пратеници,

Дами и господа,

можноста да ја посетам Северна Македонија, благодарение на поканата на Претседателот Пендаровски, и да се обратам денеска пред вас, за мене и за Италијанската Република претставува причина за благодарност и го потврдува пријателството кое ги обединува нашите земји и нашите народи.

Пријателство кое има длабоки корени, поттикнато од спонтана симпатија, од постојаното чувство на меѓусебно разбирање.

По Втората светска војна, и покрај ограничувањата наметнати од тогашниот геополитички поредок, Италија продолжи да гледа кон вашиот народ со непроменета симпатија, почит и континуиран интерес.

Доказ за тоа е силното движење на солидарност кое, по страшниот земјотрес што го погоди градот Скопје во 1963 година, над двесте италијански уметници – од Гутузо до Фонтана, од Бури до Ротела – донираа повеќе од триста нивни уметнички дела денес сочувани во Музејот на современа уметност на главниот град.

Со независноста, чија триесетгодишнина беше одбележана минатата година, се отворија натамошни можности за развој на нашите односи на сите полиња, а меѓу нив, далеку од споредна, е и соработката во областа на културата.

За Италија претставува гордост што на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, италијанскиот јазик се изучува повеќе од шеесет години и што, во моментов, многу македонски ученици избраа да учат италијански јазик во основните и средните училишта, знак на динамиката и цврстината на врската која нè обединува.

Се работи за чувство на длабоко пријателство – чие огледало беше и топлото добредојде кое Претседателот Пендаровски ми го приреди, како и средбите што имав задоволството да ги имам со него во Рим – чувство кое ја отсликува душата на нашите народи, почнувајќи од големиот број на ваши сонародници, кои ја избраа Италија за нивна земја за живеење, давајќи значаен придонес за растот на мојата земја и за развојот на соработката меѓу нашите економии и општества.

Италија секогаш давала – и ќе продолжи да го прави тоа – силна поддршка за патот на Северна Македонија кон Европа.

Создавањето услови за неодамнешниот почеток на преговорите со Брисел претставува успех со кој со право треба да се гордееме, во очекување да се постигне полноправното членство во Европската унија, како што се случи со вашиот избор да се приклучите кон Атлантската алијанса.

Местото на Северна Македонија е во Европа, поради вредностите, историјата, културата.

Скопје во неколку наврати силно потврди дека ги споделува принципите кои се во основата на европската структура, преземајќи храбри и честопати не толку лесни избори, за да ја докаже решителноста со која има намера да ја достигне целта за влез во Европската Унија.

Мислам на Охридскиот рамковен договор, со кој се постигна трајно решение за учество на сите етнички компоненти во животот на државата, на Преспанскиот договор и договорите постигнати со Бугарија.

Би сакал да го изразам длабокото восхитување и почит со кое Италија гледа на патот по кој тргна Северна Македонија, нејзините граѓани и нејзините институции, почнувајќи од ова Собрание. Нема многу земји кои ја имаа вашата решителност во решавањето на толку многу и толку важни прашања, отворено, на мирен начин и во краток временски период.

Понекогаш беше потребно да се помине низ тешки процеси, но, благодарение на истите, Северна Македонија се етаблира како земја која е инклузивна во својата внатрешност и отворена за градење односи на искрена соработка надворешно.

Целосниот влез во европското семејство на земјите од Југоисточна Европа е предодреден да даде одлучувачки придонес во каузата за мир во Европа и овозможува да се стави крај на задоцнувањето на историјата во процесот на интеграција на Континентот.

Заедно, ќе ја постигнеме целта да ги надминеме старите и неодамнешните поделби, да ги надминеме жариштата на напнатост на едно минато – сè уште живо во сеќавањето на некои луѓе – кои демнат под пепелта, размислувајќи за иднината и создавајќи област на стабилност и развој.

На овој пат, Италија ќе остане покрај вас, со силна одлучност, како пријателска и соседна земја.

Односот меѓу Балканот и Италија е пример за можноста да се гледа кон заеднички хоризонт, во заедничка европска реалност.

Заедничката Европска куќа е цел на која Италијанската Република и придава одлучувачко значење.

А судбината на целиот балкански регион не може да се одвои од онаа на другите европски земји.

Господине Претседателе,

Дами и господа пратеници,

темата на идентитетите на секоја земја и нивната меѓусебна коегзистенција претставува централен конструктивен елемент на Унијата.

„Единство во различноста“ вели мотото на Европската Унија.

Вашиот труд, за кој сум свесен и кој добро го разбирам, го доживеале и други земји на нашиот континент, иако под различни услови и начини.

Владеењето на правото, вредност од кое е инспирирано европското тело, познава една категорија, онаа на граѓаните, и за секој од нив се почитува културниот и верскиот избор и се признава нивното потекло.

Тоа се прашања кои се дискутираат во многу земји, вклучително и во мојата, и кои најдоа место во драгоцениот дијалог кој ни овозможи заедно, во обединета Европа, да изградиме иднина на слободна и плодна соработка меѓу нашите земји и нашите народи. Плодното патување, со кое се постигна резултат од големо значење, со заедничкото доделување на титулата Европска престолнина на културата на 2025 година на Нова Горица и Горица, некогаш поделени со физичка граница од ѕидови и бодликава жица, денес урнати бидејќи беа избришани од зедничките заложби и од перспективата на благосостојба на нивните граѓански заедници.

Северна Македонија и Бугарија се повикани денес да се заложат да развијат почитуван и искрен дијалог за надминување на недоразбирањата од минатото, во рамките на заедничката припадност кон европското семејство и со целосно почитување на сопствените јазици, култури и идентитети.

Идентитети кои во различните национални деклинации придонесуваат за дефинирање на еден европски културен простор, на наследство составено од традиции и аспирации кои нè обединуваат и кои не прават сите нас европски граѓани.

Истиот тој европски културен простор кој би бил безнадежно нецелосен без придонесот на историјата и културата на Северна Македонија, од кои македонскиот јазик е суштинска компонента.

Господине Претседателе,

Дами и господа пратеници,

Италија цврсто верува дека Западен Балкан е интегрален дел од Европа и дека Европа никогаш нема да биде целосна без пристапувањето на сите земји од овој регион.

Поединечни актери и надворешни сили, повикувајќи се на моќ, сакаат да преземат влијание во областа.

Би сакал целосно да ја подвлечам вредноста на европскиот избор кој гордо ја отфрла логиката на влијателни зони, за наместо тоа да изгради, заедно, во совршена еднаквост со слободните народи на континентот, заедничка перспектива на напредок.

Европската унија успеа да реализира – откако пред шеесет и пет години, со Римските договори, започна ова извонредно искуство – кредибилен проект на стабилност, мир, благосостојба, развивајќи го сопственото опшетство врз цврсти, слободни и поправедни темели.

Историјата на балканскиот регион, дури и најнеодамнешната и трагичната, ни помага да се потсетиме на подлабокото значење на европскиот проект, како што го замислиле татковците-основачи. Пред да стане важна економска реалност, Европа е всушност проект на мир и помирување меѓу народите, проект на споделување на сопствените национални суверенитети за да се изгради нешто поголемо и поцврсто за доброто на граѓаните.

Идеалниот придонес на земјите од Западен Балкан е уште посуштински во овој момент во кој темата за зацврстување и продлабочување на европската конструкција стана неизбежна. Самиот Балкан е предупредување за итноста да се продолжи одлучно и недвосмислено на патот кон уште поголема интеграција.

Во оваа смисла, одговорот кој Европа го даде кон предизвиците поставени прво од пандемијата, а потоа и од агресијата на Руската Федерација врз Украина ни овозможува мирно и со доверва да гледаме кон иднината на Унијата способна да одговори на најтешките предизвици.

Претседателот на Руската Федерација го врати воениот кошмар на нашиот континент, токму таму каде што трпеливата и далекувидната работа на татковците-основачи на Европа и дијалогот меѓу високоценетите државници успеаја да го искоренат. Она што се случува во Украина претставува закана за основачките вредности на меѓународната заедница, а одговорот на евроатлантското семејство е на ниво на предизвикот од воената авантура која Москва ја презема.

Би сакал да изразам благодарност за конкретната солидарност што Северна Македонија ја покажа кон Украина; уште едно сведоштво, доколку е потребно, за целосното придржување кон вредностите и принципите врз кои се темелат и Атлантската алијанса и обединета Европа.

Отпорот кон империјалистичкиот дизајн прикажан од Руската Федерација ќе бара долгорочна посветеност и веќе наметнува значителни жртви на нашето население, почнувајќи од порастот на цените на енергијата и храната. Но, овие трошоци се неизмерно пониски од оние кои би морале да ги трпиме доколку оваа агресивна логика, која повторно ги предлага сценаријата на разорните војни од минатите векови, не би била веднаш запрена.

Не можеме да се повлечеме од рововите на одбраната на човековите и народните права; и за да избегнеме кревкост или неуспех, ќе мора да ја зајакнеме нашата внатрешна кохезија, вклучително и преку мерки кои можат да ги ублажат високите трошоци кои нашите економии ќе треба да ги поднесат.

Во оваа смисла, Италија силно го поддржува вклучувањето на Западен Балкан во европските механизми за солидарност насочени кон гарантирање на енергетската безбедност, особено во поглед на претстојната зима.

Поради обемот на кризите кои го зафатија светот, димензијата на другите соговорници, неопходно е поединечните европски земји да станат свесни за потребата од сè почести заеднички одговори.

Посветеноста насочена кон градење на нашиот „заеднички дом“ на поцврсти основи ги засега и ги погодува сите земји, дури и оние кои се на пат да станат дел од него.

Заложба која првенствено ги вклучува парламентарните собранија.

Способноста да се соочи со сопственото минато и да се разрешат, во европски дух, бројните јазли кои сè уште постојат во овој регион и го спречуваат да се развива до целосниот потенцијал, е услов за дизајнирање на иднината.

Северна Македонија со своите храбри избори, преку дијалог и меѓусебно разбирање, го посочи патот напред за решавање на старите спорови.

Тоа е метод кој е целосно усогласен со вредностите и принципите на обединета Европа и кој се надевам дека ќе се примени на друго место, дури и во други контексти.

Мислам пред сè на ситуацијата во Косово, каде што охрабрувачките знаци од последните недели покажуваат колку е клучно за регионалната стабилност Белград и Приштина со убедување и посветеност да го обноват дијалогот кој се води под водство на Високиот претставник и неговиот Специјален пратеник, воздржувајќи се од еднострани мерки. Ситуацијата во Босна Херцеговина продолжува да предизвикува загриженост и страв, каде што постојаното присуство на етно-националистички импулси го спречува усвојувањето на реформите неопходни за приближување на земјата кон Европа.

Господине Претседателе,

Дами и господа пратеници,

во процесот на консолидирање на еден регион со мир, слобода и развој, кој минува низ прогресивната интеграција на Западен Балкан во Унијата, Италија и Европа знаат дека можат да се потпрат на тие земји, како што е Северна Македонија, која не само што знаеше како да преземе тешки чекори кон патот на демократската консолидација, но покажа и волја за решително и во согласност со европскиот дух решавање на сложените прашања наследени од минатото.

И токму со самоуверено гледање на оваа наша заедничка иднина сакам уште еднаш да се заблагодарам за високата чест која ми ја пруживте овде денес, која ја сметам за дополнителен знак на пријателство меѓу нашите народи и меѓу нашите земји.

Ви благодарам за вашето внимание.