Questo sito usa cookie per fornirti un'esperienza migliore. Proseguendo la navigazione accetti l'utilizzo dei cookie da parte nostra OK

Економска соработка

 

Економска соработка

МАКРОЕКОНОМСКА РАМКА НА ЗЕМЈАТА (2021)

Во 2021 година, БДП на Северна Македонија се зголеми за 4%; значително закрепнување поради зголемувањето на јавните инвестиции, мобилноста и внатрешната потрошувачка. Сепак, пандемијата од „Ковид-19“ имаше последици врз приватните инвестиции, кои се намалија во однос на двегодишниот период 2018-2019 година, и врз инфлацијата (+3,2%).

Според Извештајот што го подготви Светска банка на крајот на 2020 година, Северна Македонија е седумнаесетта земја во светот каде инвестирањето е поволно (-7 позиции во однос на претходната година, пред пандемијата). Централната банка прогнозира постојан раст во двегодишниот период 2022-2023 година, делумно благодарение на стабилноста во судството и „Планот за забрзан раст“ што го покрена Владата, а кој како главна цел има зголемување на јавните, приватните и странските инвестиции. Македонските девизни резерви се зголемени за 8,4% (3,6 милиони евра) во 2021 година, обезбедувајќи стабилност на националните валута и банкарски систем. Меѓународната агенција Standard and Poor’s го потврди рејтингот „ББ-“ со стабилна перспектива која земјата претходно ја доби.

63% од македонскиот БДП е концентриран во терцијарниот сектор, 28,5% во индустрискиот сектор и 11,4% во земјоделството. Услугите кои бележат најголема економска активност се секторите банкарство, ИТЦ, осигурување, туризам, трговија (на големо и мало), логистика и транспорт. Најважни производствени сектори се: автомобилски делови, челична индустрија, храна, обувки, текстил, тутун, градежништво, хемикалии и рударство. Околу 73.000 мали и средни претпријатија работат во економското ткиво на земјата (приватниот сектор е високо развиен).

Во 2021 година, индустриското производство порасна за 1,4%, иако главните производни сектори забележаа негативен пад во истиот период: автомобилскиот (-25%), челична индустрија (-33%), текстилната (-30%) и автомобилското производство (-15%). Меѓу ретките сектори кои забележаа раст се енергетиката (+18%), производството на тутун (+175%), хемиската индустрија (+34%) и преработката на гума и пластика (+27%).

За да се справи со високата стапка на инфлација, извршната власт одлучи привремено да го укине ДДВ за струјата и го забрани поскапувањето на основните производи. Првично се очекуваше инфлацијата да се стабилизира на околу 2,5% до средината на 2022 година, но порастот на трошоците за енергија и конфликтот во Украина засега не ни дозволуваат да веруваме дека инфлацијата всушност ќе претрпи забавување.

По падот на активното население (-1,4%), во 2021 година стапката на невработеност се намали, достигнувајќи 15,7% (-0,7% во однос на претходната година). Но, стапката на невработеност кај младите е повисока (27,6%) и претставува проблем за населението на возраст од 15-29 години.

Во март 2021 година, Централната банка ја намали референтната стапка на 1,25%, што е најниска во периодот од две години. Со тоа дополнително го стабилизираше макроекономското и монетарното опкружување кои главно се однесуваат на монетарната политика што ја усвои Владата.

На крајот на 2021 година, јавниот долг на земјата достигна 60,8% од БДП (еднакво на 7.135 милиони евра, +652 милиони во споредба со 2020 година). Повеќе од половина од јавниот долг (4.669 милиони евра) е резултат на долгот што го склучила Северна Македонија кон странски земји. Со ова зголемување на јавниот долг, државата влегува во опсегот на „високо задолжени земји“ според критериумите од Мастрихт. Целта на „Стратегијата за управување со јавниот долг 2020-2025“ што ја започна Владата предвидува намалување на долгот додека не се стабилизира на 58,8%, или под границата од 60% утврдена со критериумите од Мастрихт. Во декември 2021 година, бруто надворешниот долг изнесува 9.547 милиони евра (+917 милиони евра во однос на претходната година), со што достигна 81,4% од БДП.

Државниот буџет за 2022 година, пак, предвидува раст на БДП од 4,6% и јавна потрошувачка од 4,4 милијарди евра.

МЕЃУНАРОДНА ТРГОВИЈА И СТРАНСКИ ДИРЕКТНИ ИНВЕСТИЦИИ

Северна Македонија има силен степен на отвореност кон меѓународната трговија, особено кон зоната на Европската унија и силна зависност од меѓународен увоз. Трговската размена во периодот јануари-декември 2021 година бележи пораст од 23,8% во однос на истиот период од 2020 година и изнесува 16.560 милиони евра. Со 6.922 милиони евра извозот пораснал за 19,8%. Зголемен е и увозот (+26,9%) за вредност од 9.630 милиони евра. Стапката на покриеност на увозот е 71,8%, додека трговскиот дефицит достигна 2.715 милиони евра.

Закрепнување на динамиката на македонскиот извоз во однос на претходната година има, особено благодарение на позитивниот тренд на извозот на хемиски производи (+36,2%), масла од животинско и растително потекло (+75%) и минерални масла и масти (+ 56,5%). Во однос на увозот, пак, забележан е значителен пораст (+26,8%), проширен на речиси сите групи, а главни се масла и масти од минерално потекло (+70,4%), хемиски производи (+40,8%), масла и масти од растително потекло (+32,6%), пијалаци и тутун (+30%), автомобили и транспортни средства (+22%).

ЕУ останува традиционален македонски трговски партнер, и како дестинација (над 77% од македонскиот извоз) и како изворен пазар (46% од увозот).

На крајот на овие заклучоци, вреди да се нагласи тежината на директните странски инвестиции во Северна Македонија. Во 2020 година состојбата на СДИ изнесуваше 5.852 милиони евра (54,4% од БДП) од кои 4.479 милиони евра капитал и 1.372 милиони должнички инструменти.

БИЛАТЕРАЛНИ ЕКОНОМСКИ ОДНОСИ И МОЖНОСТИ

Во 2021 година, Италија беше на 8-та позиција на рангирањето на земјите трговски партнери на Северна Македонија, со учество од 3,77%. Според податоците на македонскиот институт за статистика, трговската размена меѓу двете земји изнесува 625,2 милиони евра, што е раст од 29,7 отсто во однос на претходната година.

Италијанскиот извоз во 2021 година достигна 471,6 милиони евра со уште еден одличен учинок (+23,2% во однос на 2020 година). Во структурата на италијанскиот извоз преовладуваат: машини за посебни намени, штавена и обработена кожа, машини за општа употреба, прехранбени производи, производи од пластика, ткаенини, обувки и апарати за домаќинство.

Италијанскиот увоз од Северна Македонија е зголемен за 45,1%, за противвредност од 207,6 милиони евра, што речиси исклучиво се должи на обновувањето на увозот на производи од челик (+25%), други машини за општа употреба (+63,3%), апарати за домашна употреба (+50,9%), благородни основни метали и други обоени метали (+258%), и преработено и конзервирано месо (+83,7%). Во структурата на италијанскиот увоз од Северна Македонија преовладуваат: производи од челик, обувки, апарати за домаќинство, други машини за општа намена, преработки од месо и месни производи, медицински и стоматолошки инструменти и материјали, гумени производи и трикотажа.

Состојбата на италијанските инвестиции во Северна Македонија во декември 2020 година изнесува 135,7 милиони евра според македонската централна банка, на кои треба да се додадат и некои случаи на „оф-шор“ аквизиции кои делумно се поврзуваат со италијански капитал.

Како заклучок, важно е да се потенцира дека учеството на италијанските компании на национални и меѓународни тендери во земјоделскиот, енергетскиот, животната средина и транспортниот сектор е генерално задоволително, иако има дополнителни маргини за зголемување, исто така, имајќи ги предвид одличните билатерални односи меѓу двете земји и во однос на понатамошни области на интерес. Исто така, почнувајќи од 2020 година, Владата на Северна Македонија годишно објавува „Повик за стратешки инвестиции“ (сегашниот истекува на 30.01.2023 година). Проектите кои даваат значаен придонес за економскиот раст, отворањето на значителен број работни места и воведувањето нови технологии кои го зголемуваат производствениот капацитет на земјата се сметаат за проекти од стратешко значење. „Стратешките“ инвестиции мора да бидат со минимален износ од 50 милиони евра (скопска зона) или 100 милиони евра доколку се прошират на територијата на најмалку две општини. Приоритетни области се:

- Енергија и инфраструктура;

- Транспорт и телекомуникации;

- Туризам;

- Преработувачка индустрија;

- Земјоделство;

- Управување со отпад;

- Информатика и дигитални решенија;

- Наука и спорт

 

  • За општи информации во врска со претприемништво во Северна Македонија, посетете ја веб страната:

http://www.infomercatiesteri.it/paese.php?id_paesi=77#slider-1


27