Questo sito utilizza cookie tecnici, analytics e di terze parti.
Proseguendo nella navigazione accetti l'utilizzo dei cookie.

Preferenze cookies

За Балканот иднината е Европа. Зајакнување на економијата за да се осигура мир и безбедност

Судбината на Европа во последните месеци драматично се одвива околу случувањата во Украина. Но, иднината на нашиот континент е поврзана и со она што ќе се случи со Западниот Балкан. Историјата не учи на стратешкото значење што овој регион го има за нашата безбедност. А меѓународната динамика на која сме сведоци ја потенцира геополитичката важност на Западниот Балкан за цела Европа, а особено за соседните земји како што е Италија.

Од првиот ден на мојот мандат, работев на повторното започнување на италијанската дипломатска активност кон земјите од другата страна на Јадранот. За Италија, Балканот претставува неизбежна судбина. Нашата историја, нашата култура, нашата економија нè врзуваат за оваа област на нераскинлив начин. Со векови. Свесни сме дека предизвиците со кои треба да се соочиме, од енергетската криза до борбата против илегалните миграции, бараат заеднички пристапи и заеднички решенија. Целта за зајакнување на партнерството помеѓу Италија и Западен Балкан значи инвестирање во нашата иднина.

Дефинитивната стабилизација на Западниот Балкан е остварлива преку цврстото поврзување со Европската унија и нејзините вредности. Италија е целосно убедена во тоа и се наоѓа во првите редови во Брисел во напорите да обезбеди конкретен напредок во оваа насока. Проширувањето мора динамично да ја поттикне реформската агенда на земјите од регионот. Веќе постигнавме важен резултат на Европскиот совет во декември, кога, благодарение на активната улога на Италија, Босна и Херцеговина доби статус на земја-кандидат за ЕУ.

Но, следниот чекор е да се забрза интеграцијата на регионот во Европската унија. А за да го направиме тоа, треба да го поддржиме социо-економскиот напредок. Економски гледано, преместувањето на економските активности предизвикани од пандемијата на КОВИД отвора значителни можности за бизнисите. Според проценките на Светската банка, во првата половина на 2022-та година економијата на регионот забележа значителен пораст, над очекувањата, поттикнат од приватната потрошувачка и инвестициите. Со пораст на БДП од +3,4%, перформансите на земјите од балканот беа повисоки од оние на еврозоната (+2,5).

Со план од 30 милијарди евра за економски раст и инвестиции во Западниот Балкан, Европската унија има за цел да ја развие и модернизира регионалната инфраструктура и вмрежувањето, да ги поттикне зелените и дигиталните транзиции, да ги поддржи малите и средните претпријатија и претприемништвото кај младите.

Нашите компании ги имаат сите квалитети да ја водат оваа активност како протагонисти. Од финансиски услуги до механика, од автомобилскиот сектор до енергетскиот сектор, нашите компании веќе придонесуваат значително за економскиот раст и вработувањето во регионот денес. Ова наше присуство сега мора да се обнови и продлабочи.

Бизнисмените ќе можат да сметаат на целосната поддршка од нашата Владата и институциите. Токму поради оваа причина решив да организирам национална конференција во Трст на 24 јануари, фокусирана на партнерството помеѓу Италија и Балканот. Намерата е да се споделат целите и оперативните алатки кои треба да им бидат достапни на нашите оператори, искористувајќи максимално од конкретните можности кои во соработка со овие земји може да биде понудена од страна на Италија.

Средбата во Трст ќе биде момент на дијалог меѓу Владата и националните производители, за заедно да се развие организирана, амбициозна и далекусежна стратегија. Почнуваме од Трст и регионот Фриули Венеција Џулија, територија која отсекогаш била мост помеѓу Италија и Дунавско-балканскиот свет и способна да се етаблира на меѓународните пазари благодарение на визијата и иновативниот дух на нејзината претприемничка реалност.

Конференцијата на 24 јануари ќе биде само почетна точка. Првото оперативно следење на развојот на настаните е закажано за март во Белград, со организација на бизнис форумот Италија-Србија, по што ќе следи политички настан на високо ниво во Рим со нашите регионални партнери и организација на конференција за Коридорот VIII. Растењето на економијата во Западниот Балкан ѝ помага на цела Европа, но пред сѐ му помага на мирот во Европа.

Антонио Тајани, Потпретседател на Советот на министри (Владата) и министер за надворешни работи на Италијанската Република.

Објавена статија во “Нова Македонија” 24 јануари 2023.