Questo sito utilizza cookie tecnici, analytics e di terze parti.
Proseguendo nella navigazione accetti l'utilizzo dei cookie.

Preferenze cookies

XXI Недела на италијанскиот јазик во светот – културни настани

Особено богата и со висок квалитет е низата на културни настани промовирани од Амбасадата на Италија во Скопје за 21 -то издание на Неделата на италијанскиот јазик во светот, која што оваа година го бележи јубилејот седумстотини (700) години од смртта на Данте Алигиери, поетот кој се смета за татко на италијанскиот јазик и на самата идеја за Италија. Настаните се од различен карактер, од музика до филм, од книжевна критика до опера, од уметност до дизајн.

По изведбата на симфонијата „Данте“ и Концертот бр. 2 за пијано и оркестар на Франц Лист која се случи на 7 октомври во Филхармонијата, под диригентската палка на Габриел Бебешелеа, со што се отвори и сезоната на концерти, активностите продолжија со онлајн семинар на познатиот литературен критичар проф. Џулио Ферони од Универзитетот „Ла Сапјенца“ во Рим, добитник на наградата Виареџо 2020, во категоријата есеистика, со делото „Италија на Данте. Патување во земјата на комедијата“.

Почнувајќи од вчера (па се’ до 20-ти декември), во Археолошкиот музеј во Скопје може да се посети изложбата Рафаело. Опера Омнија, на која што може и преку интерактивна инсталација да се разгледуваат делата на еден од најголемите ренесансни сликари на Италија .

Синоќа, во Кинотеката на Република Северна Македонија, беше прикажан филмот „Пеколот“ (1911 год.), во режија на Франческо Бертолини инспириран од илустрациите на Густаво Доре, ремек -дело на италијанската нема кинематографија. Проекцијата на филмот беше придружувана на пијано од пијанистот Марио Маријани.

На 21 –ви октомври, ќе биде претставен интеркултурен настан организиран од Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, насловен „Светот на Данте во колективната меморија – јазични и визуелни аспекти“, а во петок на 22 -ри октомври ќе бидат наградени победниците на натпреварот за најдобар постер, одбран како постер за манифестацијата „Недела на италијанскиот јазик во светот”.

На крајот, на 19 ноември, како заокружување на комеморацијата посветена на Данте, во Националната опера и балет ќе биде изведена светската премиера на операта „ Lapeggiamenti, amenità, querimonie et altri tremendi affetti nella nobilissima Florentia“ (либрето од Клаудио Салтарели и музика од Џо Скетино), во изведба на македонскиот тенор Благој Нацоски и баритонот Џанпјеро Руџери.

Овие различни настани се извонредна можност за љубителите на италијанската уметност и култура. Тие исто така ќе можат да ја искористат и специјалната промоција за купување италијански книжевни дела во многу книжарници во Скопје.

Сите информации во врска со поединечните настани може да се најдат на деталната програма објавена на официјалната интернет страница и на Фејсбук страницата на Амбасадата на Италија.