Questo sito usa cookie per fornirti un'esperienza migliore. Proseguendo la navigazione accetti l'utilizzo dei cookie da parte nostra OK

Новогодишна порака на Амбасадорот на Италија, Н.Е. Андреа Силвестри

Датум:

24/12/2020


Новогодишна порака на Амбасадорот на Италија, Н.Е. Андреа Силвестри

Драги сонародници, драги македонски пријатели,
годинава што заминува без сомнение беше многу необична: вирусот Ковид-19 донесе многу страдање во целиот свет, па така и во Италија и во Северна Македонија. Заради тоа, мојата прва мисла е со многуте што за жал си заминаа заради оваа болест.
Сепак, годината 2020 привршува со искри на надеж. Започнуваат кампањи за вакцинација и во земјите на ЕУ но и во земјите од Западен балкан. Ова ни дозволува внимателно да бидеме оптимисти што се однесува до Новата Година.
Заради истиот корона вирус, работата во Амбасадата во изминативе месеци мораше да ја организираме на поинаков начин, се со цел да се намали ризикот на заразеност, избегнувајќи секакви непотребни движења. Всушност ја пренасочивме и самата македонска јавност кон консултирање на нашиот веб сајт за било какви информации и контакти со нашите канцеларии по телефонски пат или пак е-маил (за конзуларни прашања: consolare.skopje@esteri.it, за визи: visti.skopje@esteri.it и за други или пак генерални работи на: segreteria.skopje@esteri.it). Сепак, Амбасадата остана постојано отворена за јавноста, со вообичаените работни часови.
Значи без оглед на кризната состојба, Амбасадата беше постојано оперативна, давајќи ги најнеопходните услуги на еден побезбеден начин. Во ваквиот контекст, минатите месеци ги помогнавме и многуте сонародници кои сакаа да се вратат во Италија, како и многуте македонски државјани кои работат во Италија. Од месец март до крај на јуни 2020 г., оваа Амбасада помогна на вкупно 297 лица кои сакаа да се вратат во Италија.
За жал, во текот на повеќе месеци превземените мерки за спречување на ширењето на вирусот наметнаа силни рестрикции во однос на движењето на релација Северна Македонија – Италија и следователно во однос на издавањето на визи. Се работи за ограничувања кои беа тешки за сите нас, но постепено веќе се надминуваат. Започнувајќи од 3 декември влезот во Италија од Северна Македонија е всушност дозволен и тоа за серија на категории, но сепак останува мерката за задолжителен карантин (поподробни информации околу ова се достапни на нашиот веб сајт).
И активностите за културна и економска промоција беа исто така обезбедени по пат на се поголемо користење на онлајн инструментите кои, од своја страна, овозможија одржување на блиските контакти и размената меѓу нашите две земји во една сосема безбедна рамка. Овде повторно ќе ве поканам редовно да ја консултирате веб страната на Амбасадата (www.ambskopje.esteri.it ) како и официјалните Фејсбук страна на Амбасадата и Twitter account ( и двете лесно се наоѓаат преку адресата @ItalyinMKD) кои ќе ви овозможат да останете ажурирани околу последните новитети и/или важни известувања.
Со препораки за доследно придржување кон здравствените мерки за превенција и кон одлуките на авторитетите на Република Северна Македонија за борба против ширењето на пандемијата, ја користам приликата да се заблагодарам на сите за големата поддршка која постојано ја добиваме од вас и во овој период. Се надевам дека наскоро, веднаш штом ќе ги оставиме зад нас овие тешки моменти, ќе се укажат прилики за повторно дружење во директен контакт едни со други, откривајќи ги повторно емоциите на социјалната димензија на која сме навикнати.
Во мое и во име на целиот персонал на Амбасадата, испраќам до вас и вашите семејства најсрдечни честитки по повод престојните празнични денови и Новата Година.
Со желба за што поскоро да заврши целата оваа здравствена криза, посакувам Новата 2021 да биде година на нов почеток, да донесе успеси и поголем мир за сите вас и вашите најмили.
Со најсрдечни поздрави,
Андреа Силвестри


Luogo:

492