Questo sito utilizza cookie tecnici, analytics e di terze parti.
Proseguendo nella navigazione accetti l'utilizzo dei cookie.

Preferenze cookies

Проф. Паола Северино, Специјален претставник на Претседателството на ОБСЕ за борба против корупцијата и Потпретседател на Универзитетот „LUISS Guido Carli”, во посета на Скопје

Проф. Паола Северино, Специјален претставник на Претседателството на ОБСЕ за борба против корупцијата и Потпретседател на Универзитетот „LUISS Guido Carli”, во посета на Скопје

 

Во Скопје од 10 до 11 февруари оствари посета проф. Паола Северино, специјален претставник на Претседателството на ОБСЕ за борба против корупцијата (потврдена во оваа позиција од сегашното албанско претседателство), и Потпретседател на Универзитетот „LUISS Guido Carli”.

Проф. Северино учествуваше во својство на почесен гостин и главен говорник на регионалната конференција „Preventive measures and enforcing the law: building resilience to corruption in South East Europe“, организирана од Мисијата на ОБСЕ-Скопје. Конференцијата, на која учествуваа претставници на мисиите на ОБСЕ од регионот на Западен Балкан, се одржа со програма поделена во повеќе сесии. Настанот го отворија македонскиот Заменик министер за надворешни работи Андреј Жерновски, албанскиот претставник на ОБСЕ, Евис Фицо и Амбасадорот Клеменс Која, Шеф на мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Во својот воведен говор, проф. Северино пред сè ја потврди важноста на наднационалниот пристап во борбата против корупцијата и, следствено, на одлучувачката улога што можат да ја имаат меѓународните организации – а особено ОБСЕ – во поддршката на државите со иницијативи засновани на дијалог, споделување и координација, со целосно почитување на националните особености. Во поддршката на балканските земји во овој заеднички напор, според проф. Северино, ОБСЕ е идеална платформа за основно усогласување на антикорупциските закони. Според неа, всушност, корупцијата станува сè повеќе „безгранична“, повеќеслојна и сложена појава, што не само што ги поткопува демократскиот раст, безбедноста на граѓаните и државата, туку е и причина за сериозни неефикасности и директни и индиректни економски трошоци, спречувајќи оптимална распределба на ресурсите. Оттука, борбата против корупцијата не само што е политичка и морална потреба, туку е и економска можност, бидејќи законитоста, сигурноста и брзината на правдата и транспарентноста се стимулативни фактори за внатрешни инвестиции и привлечност на странски инвеститори. За ефикасно справување со проблемот, Северино предложи поголемо регулирање на контролните механизми, круцијално вклучување на граѓанското општество и на приватниот сектор. Во оваа смисла, борбата против корупцијата – како во превентивна, така и во репресивна фаза – мора да биде холистичка и повеќеслојна.

По повод конференцијата, проф. Северино успеа да оствари низа средби од највисок институционален профил, почнувајќи од Претседателот на Републиката Стево Пендаровски, потоа со Шефот на Владата Оливер Спасовски, со Министерот за правда Рената Дескоска и со претседателот и членовите на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), кои ги илустрираа особините на „Националната стратегија за спречување на корупцијата“, изготвена од ДКСК, неодамна одобрена од Владата (во очекување да биде изгласана од Собранието). Таа, исто така, имаше можност да се сретне со некои претставници од областа на македонскиот и меѓународниот производствен свет (вклучително и некои италијански компании активни во земјата) на состанокот специјално организиран во македонската Стопанската комора, за време на кој Северино ја истакна важноста на спроведувањето на владеењето на правото, сајбер безбедноста и соработката помеѓу јавниот и приватниот сектор за ефикасна борба против корупцијата.

На крајот, во својство на потпретседател на Универзитетот Луис, се состана и со Ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, за да се истражат можностите за соработка меѓу двата универзитета, и со Проректорот на „Универзитетот Американ Колеџ Скопје“, мал, но динамичен приватен универзитет кој веќе може да се пофали со важни форми на соработка со некои италијански универзитети (вклучувајќи го и универзитетот во Рим, Тор Вергата).

Во центарот на институционалните состаноци, претставничката на ОБСЕ ги постави својствата на феноменот на корупцијата и стратегиите за борба против истиот, особено на наднационално ниво, а се осврна и на некои прашања од локална политичка актуелност, како што е дискусијата за законот за реформи на Националното јавно обвинителство која има за цел да го намали силното влијание на политиката врз судството (исто така преку иновативен систем на селекција и избор на шеф на идната структура од страна на Советот на обвинители). Според проф. Северино, неопходно е исто така да има независни, специјализирани и компетентни истражни структури, кои ги развиваат и усовршуваат најефикасните методи на истрага за борба против корупцијата, што е специфично и сложено кривично дело, за кое се потребни специфични професионални вештини и во областа на судството.